Жаклина Стојановска е успешен професионалец и жена тренер на женскиот тим на,,МЗТ Скопје Аеродром”. Долгогодишното искуство и знаење од теренот за кошарка вешто и несебично го пренесува на децата кои имаат голема желба да тренираат кошарка. За развојот на кошарката кај нас вели дека е неопходно девојчињата да препознаат идоли кај нашите кошаркарки, да се заинтересираат, да се мотивираат, да покажат бројност од која ќе произлезе квалитет. Тука и родителите имаат клучна улога да ги мотивираат своите деца да се занимаваат со спорт.
Жаклина е нашата прва соговорничка со која ја отпочнуваме нашата следна активност која подразбира објавување на интервјуа со наши познати и помалку познати жени спортистки кои јавно проговоруваат за предизвиците со кои се соочуваат во нашата средина но и за резултатите и успесите кои ги постигнуваат на работно поле.
Женскиот спорт во Македонија е маргинализиран и поретко пласиран во јавноста, и оваа акција има за цел повторно да го популаризира и промовира значењето на женскиот спорт, важноста од успешни примери (role models) кај помладите генерации, како и итноста од креирање на стратегија за унапредување на родовата еднаквост во спортот.
Која е за Вас мотивацијата и предизвикот да се биде тренер на женски кошаркарски тим?
– Кошарката за мене е една огромна љубов на која сум посветила 20 години од својот живот како играч, седум години како тренер. Сето тоа што сум го научила во текот на годините сакам да го пренесам и на генерациите кои доаѓаат. Во спортот сите сме еднакви, без никакви предрасуди. Бев дел од различни клубови во Европа и начинот на кој таму е прикажан и почитуван овој спорт би сакала да биде и тука присутен. Квалитетните тренинзи и бесценетите совети од врвните тренери кои ги добив, верувам дека можам да ги предадам и на девојчиња кои безрезервно веруваат во кошарката во нашата земја. Сите исто почнуваме со спортот. Прво во помали клубови кои се во нашето маало, потоа почнуваме да играме во поголеми клубови, па се натпреваруваме за репрезентација, добиваме понуди од различни клубови од различни земји каде се надградуваме како личности и како спортисти. Таква беше и мојата приказна, затоа сакам сите идни врвни спортистки да ги охрабрам да бидат упорни и да се борат, само така ќе ги остварат своите цели, бидејќи тврдам дека и девојчињата можат да постигнат врвни резултати. Затоа сум целосно посветена на мојата задача како жена тренер, и се залагам за еднакви услови за работа и привилегии како што ги имаат мажите тренери.
Од каде потекнува желбата да се биде тренер?
– Професионално се занимавав со кошарка цели 20 години, играв во различни клубови во нашата земја и надвор од неа. По завршување со моето професионално играње кошарка во 2010 година, решив да и се посветам на кошарката како тренер, односно да ја осознаам и од друг аспект. Станав тренер прво на младинките од „Студент“, бев тренер и на почетната школа за кошарка „Соколи“, во 2012 година бев тренер и на сениорската репрезентација на Македонија, а во 2014 го формирав и својот тим „Лотос“. Во 2016 година ја предводев македонската репрезентација на неофицијално Европско првенство за девојчиња до 14 години во Словенија. Денес сум тренер на женскиот тим на „МЗТ Скопје Аеродром“.
Кој е Вашиот најголем успех досега? Дали можеби некое меѓународно натпреварување?
– Официјално, во улога на тренер на Европското првенство за мали земји кое првпат се одржа во Струга 2012 година. Женската сениорска репрезентација на Македонија го заврши Европското првенство на второ место, освојувајќи сребро. Неофицијално, за мене најголем успех е кога по секој тренинг ќе ги видам децата уморни од успешниот тренинг, а со насмевка на лицата ја напуштаат салата. Тоа е најубавиот и највредниот успех.
Дали сметате дека женската кошарка ја менува историјата на кошарката во Македонија и на кој начин?
– За жал, квалитетот на женската кошарка е опаднат, тренажниот процес е на ниско ниво и речиси целосно е изгубен континуитетот на работа како што се бара во секој спорт – редовни тренинзи секој ден, натпревари секој викенд, подготвителни кампови пред сезона и во зимскиот период, тренинзи во фитнес-центри, обука и на играчите и на тренерите од теоретски аспект и следење на новите трендови во кошарката. За да се менува историјата на кошарката на подобро, клучно е малите девојчиња да препознаат свои идоли кај нашите кошаркарки, да се заинтересираат, да имаме масовност на кошарката бидејќи само со квантитет може да се добие квалитет. Ако нема квантитет не може да се направи селекција ниту може да се препознаат таленти. Најважно ни е тоа, да ја привлечеме младата генерација. Ние немаме систем на работа во спортот, а тоа е она што најмногу ме загрижува. Мора да се изгради добар систем во кошарката, мора да се поттикнат сите родители да ги мотивираат своите деца да се занимаваат со спорт.
Дали за секој натпревар поставувате нови цели или секогаш се истите?
– Во моментов работам со тимот од девојчиња на „МЗТ Скопје Аеродром“ кои се на возраст од 7 до 12 години. Целта на секој натпревар ни е да покажеме што сме сработиле во техничко-тактичкиот дел на кошарката. Сите недостатоци постепено да ги елиминираме, а сите предности да ги доусовршиме. Од голема важност е секоја кошаркарка во мојот тим да напредува. Затоа се радувам што имам можност да работам со оваа млада категорија каде во вистинско време може да се научи, да се коригира каде е потребно за еден ден да прераснат во врвни спортистки.
На кој начин ги мотивирате своите играчи и на што треба да се фокусираат во текот на играта? Кои се најважните квалитети што треба да ги поседува една кошаркарка?
– На секоја индивидуа и е потребен различен пристап на мотивација, секој тренер треба да ги познава своите кошаркарки и да знае да го извлече максимумот од нив за време на натпревар. Од една страна, најважен фактор е на кошаркарките да им се влее самодоверба и доверба во соиграчите и во тренерот. Тимскиот дух и хармонијата се најбитни за големи подвизи. Од друга страна пак, техниката, односно основните елементи, како и моторичките способности, се еднакво важни за секоја од нив да биде квалитетна кошаркарка. Беспрекорна техника, добро поткрепени моторички способности и психолошка стабилност се трите клучни карактеристики, според мене.
Која е најважната лекција која сте ја научиле како тренер? И кои се за Вас предизвиците кои треба да ги совладате?
– Тренирајќи деца од различни категории во изминатите седум години, заклучив дека секој тренинг треба да биде на високо ниво. Да се посвети еднакво внимание на секој од играчите, да се работи не само на техника и на тактика, туку и на психолошкиот дел кој во многу случаи е клучен. Кога еден тим функционира беспрекорно, има доверба и почит меѓу нив, редовност на тренинзи и максимално вложување за време на тренингот, тогаш нема предизвик кој не може да се совлада. Секојдневно работам на тоа со мојот тим, така што верувам дека сме на добар пат. Најтешкиот предизвик кој треба да се совлада во македонската кошарка е тоа дека и кај нас можат да се создадат женски тимови со висок квалитет, формирани од домашни играчи и домашни тренери.
На какви вредности ве научи спортот? Дали не прави подобри луѓе?
– За мене спортот е култура на живеење, секој поединец е препорачливо и корисно да се занимава со кој било спорт, пред сè поради грижа за сопственото ментално и физичко здравје. Целта на спортот како процес е развој и подобрување на сите моторички способности кај децата (брзина, координација, рамнотежа, флексибилност, сила, прецизност, издржливост) кои претставуваат основна подлога за успешно занимавање со кој било спорт во иднина. Секако, на сето тоа се надоврзува и грижата за социјален и емотивен развој, односно учење на вистинските вредности во спортот, развивање на тимскиот дух и учење за важноста на тимската работа, не само во спортот туку и во сите сфери од животот: учење на фер плеј, учење како да се прифатат и победата и поразот.
Дали се остваруваат соништата преку спортот?
– Повеќе од остварување! Секојдневниот ангажман, вложените енергија и време во нешто што те исполнува и ти причинува најголемо задоволство е патот на кој соништата се остваруваат и се раѓаат нови. Убавината е патот и процесот до целта, а не самата цел.
Очекувања и планови во иднина?
– Да се изработи национална стратегија за развој на спортот во Македонија со што ќе се постават темелите за раст и развој на спортисти и спортски работници во државата. Ова е од круцијална важност за да можам да ги реализирам личните планови и очекувања.
Адријана Ананиева