Борењето е еден од најтрофејните спортови во Македонија, но женското борење сè уште се бори за своето место под сонцето. Бојана Лазаревска е 16-годишна девојка, која влезе во историјата на македонското женско борење како борачка што ја забележала првата победа на едно европско првенство, минатата година во Ѓер, Унгарија, кога во осминафиналето славеше против Каролина Закарзевска од Полска. Таа е членка на БК Безбедност и е најдобрата македонска борачка за 2018 година. Бојана е една од бројните млади девојки кои го сакаат борењето. Со голема љубов и ентузијазам излегуваат на душекот, се борат за победа и уште повеќе за рамноправен статус во овој тежок спорт. Иако е актуелна државна шампионка во својата категорија, годинава не ѝ беше овозможено да настапи на Балканското првенство во Бугарија, но Бојана работи упорно и трпеливо и го сонува својот олимписки сон.
ТАКТ: Како се роди твојата љубов кон борењето и што те мотивираше да го избереш овој спорт?
„Мојата љубов кон борењето се појави пред 3-4 години кога дознав каков спорт е воопшто борењето, почнав да тренирам и полека почнав да влегувам во ритам на тренинзите. На почетокот тоа беше можеби повеќе од љубопитност да видам како изгледа сето тоа, но мојата љубов кон борењето растеше секојдневно, сакам да тренирам сè повеќе и да успеам во овој спорт.“
ТАКТ: Борењето е еден од најтрофејните спортови во Македонија, но за женското борење се знае многу малку. Што е специфично во овој спорт и кои се разликите меѓу машкото и женското борење?
„Во овој спорт специфично е тоа што тој го гради карактерот на една личност. Од него се мотивираме сè повеќе и повеќе за да успееме на натпреварите, но и воопшто, да се бориме и да успееме во животот. Еве, на пример, ако еднаш се имаш борено, сè останато во животот е лесно. А, што се однесува до разликите меѓу женското и машкото борење, различно е кај нас и во светот. Конкретно, овде има многу разлики меѓу машкото и женското борење, што најмногу произлегува од институциите во државата, пред сè во сфаќањето, во односот и во третманот што го имаат мажите и жените што се занимаваат со овој спорт. Надвор сето тоа е многу поинаку. Општо во светот, сметам дека нема разлика меѓу машкото и женското борење.“
ТАКТ: Во таа насока, дали таа поделба се чувствува и на терен, дали на душекот се чувствуваш рамноправно со своите машки колеги или сè уште постојат одредени стереотипи дека тоа е машки спорт?
„На душекот надвор од границите на нашата држава се чувствувам рамноправно со своите машки колеги. Но овде, за жал, сè уште постојат поделби околу машкото и женското борење. Дури и во Федерацијата за боречки спортови на Македонија, женското борење е целосно занемарено. Нема план ни програма, а годинава дури во женско борење не бевме застапени ни на Балканското првенство, иако јас како државна шампионка во мојата категорија изборив право за настап. Тоа се само дел од проблемите со кои се соочуваме секојдневно. Ние сме секогаш ставени во втор план и мислам дека тоа не е во ред. Во спортот не треба да има такви поделби и стереотипи, секој работи напорно и треба да се ценат неговиот труд и неговите резултати. И тоа треба да биде основен критериум, а не дали е машко или женско.“
ТАКТ: Како реагираат луѓето кога ќе им кажеш дека тренираш борење? Дали се изненадени или тоа се прифаќа како кој било друг спорт?
„Има различни реакции. Сум била во ситуација кога луѓето реагирале најнормално и борењето се сфаќа како и секој друг спорт. Но понекогаш има и поинакви реакции. Некои луѓе не го делат ова мислење, чудно им е кога ќе видат девојка во овој спорт, па некои остануваат и вчудоневидени од тоа како ми произлегла желба да се занимавам со овој тежок спорт.“
ТАКТ: Имаш ли некоја посебна поддршка да успееш како една од ретките девојки во Македонија што се занимаваат со женско борење?
„Поддршката е многу важна за секој спортист, па така и за мене. Имам голема поддршка најпрво од семејството, од тренерите и секако, од моите пријатели кои се гордеат со моите успеси. Ова е тешок спорт, се соочуваме со многу предизвици и проблеми и без поддршка е многу тешко да се успее.“
ТАКТ: Колку спортот влијае на твојот живот или можеби и во изборот на твојата идна професија?
„Искрено, спортот многу влијае на мојот живот, ме прави подобра личност, го гради мојот карактер, ме учи на едни спортски критериуми, кои секој спортист треба да ги знае. За секоја млада личност тоа се многу позитивни вредности. Исто така спортот дефинитивно ќе влијае и во изборот на мојата идна професија. Сега сум ученичка во втора година во ДУФК „Методија Митевски Брицо“, а во иднина сакам да работам во областа на безбедноста.“
ТАКТ: Тешко ли е да се усогласат секојдневните обврски на една млада девојка со она што го бара професионалниот спорт – секојдневни тренинзи, патувања, настапи?
„Ако се сака сè се може. Едноставно, треба само добро да се испланира и за сè ќе се најде време. Има време и за училишните обврски, за излегување со пријателите и за тренинзите. Мислам дека нема проблем кога е сè добро испланирано.“
ТАКТ: Годинава имаше неколку настапи на меѓународни турнири во Србија, Бугарија и во Хрватска од кои се врати со неколку медали. Што би издвоила како најголем успех?
„Оваа година не можам да издвојам некој најголем успех. Настапив на неколку турнири во Бугарија, во Србија и последно сега на турнирот во Петриње, Хрватска, и на сите имам освоено медали. Но како најголем успех во мојата кариера можам да ги издвојам ланските настапи на Европското првенство во Унгарија и на Балканското првенство на кое се закитив со сребрен медал.“
ТАКТ: Имаш ли некој свој идол во спортот или некој што ти служи како пример?
„Американската борачка Хелен Марулис ми е најголем идол. Ги следам нејзините резултати секогаш, таа е светска и олимписка шампионка од ЛОИ во Рио и првата Американка што освоила олимписко злато во женско борење. Има извонредни успеси и навистина е спортистка за пример во нашиот спорт.“
ТАКТ: Кој е твојот спортски сон или која е целта што би сакала да ја достигнеш во кариерата?
„За секој спортист сон е настап на Олимпијада. Мојата зацртана цел е да го достигнам врвот во олимпискиот свет и да ја направам горда мојата татковина како прва олимписка медалистка во женско борење. Го сакам борењето и се надевам дека еден ден ќе го остварам мојот сон.“
Билјана Б.Петрушева