Александра Уфцеска – параглајдеристка, силна жена која знае што сака во животот со свој став и одредена цел. Александра вели дека наградата е секогаш преубавиот поглед, патувањето низ воздухот, големото чувство на слобода и многу адреналин. Верувам дека многумина би сакале да видат како изгледа летање со параглајдер и за таа цел читателите имаат и кому да се обратат.
1. Когa и како почнавте да се занимавате со овој спорт?
По природа сум човек кој сака многу адреналин, па затоа го одбрав овој спорт. Со параглајдерство започнав во 2012г. Најпрво договорив тандем летање. Првото чувство кога ќе полеташ со параглајдер е забрзано чукање на срцето, треперење на телото, чувство на страв, чувство на успех, мир и слобода. После тандем летањето започнав со обука која има теоретски и практичен дел. Теоретски дел: учење на временските услови за летање, метеорологија, навигација, аеродинамика… а пак практичниот дел: запознавање со опремата (параглајдер, седиште, резервен падобран, кацига).
2. Дали постои возрасна граница од кога и до кога може една девојка/жена да биде параглајдерист?
Според правилникот за летање со параглајдер без разлика на полот возрасната граница за започнување со обука во Македонија е 16 год. А може да лета се\’ додека е пилотот психофизички способен.
3. Кои се подготовките за започнување со летови со параглајдер?
Најпрво да се биде храбар, да се има желба за летање со што би се надминал стравот кој е присутен кај секој човек, да се помине обуката и после тоа леташ. А како награда за сето тоа е преубавиот поглед, патувањето низ воздухот, големото чувство на слобода и многу адреналин.
4. Кои позначајни натпреварувања и доживувања би ги издвоиле од параглајдерството?
Натпреварот е предизвик за себе. Секоја пречка што успевам да ја поминам ме прави посилна. Ќе го издвојам моето учество како член на македонската репрезентација на Светското првенство во прецизно слетување во параглајдерство кое се одржа во Албанија оваа година. Македонија се рангира на 11. место од 28 држави. Самото учество на Светско првенство е големо искуство.
5. Кој Ви ги пренесе најзначајните лекции во овој спорт? Од кого најмногу научивте?
Член сум на клубот “Sky Riders” oд Прилеп, мој учител е Кристијан Темелкоски-инструктор, соло и тандем пилот со кој ја започнав мојата летeчка кариера. Со самата активност во летањето се надградувам себеси, станувам се подобра, поискуна и поодговорна за моите постапки, секогаш има нешто ново да искусиш. А резултат се моите успеси.
6. Која е Вашата инспиративна приказна?
Желбата за нешто повеќе е она што ме мотивира да одам подлабоко во овој спорт. Како силна жена што знае што сака во животот со свој став и одредена цел.
7. Што би сакале да им порачате на младите девојки/жени кои би сакале да се занимаваат со параглајдерство?
Доколку желбата е присутна да се борат за нејзино остварување. Да го прифатат ризикот, да ни се придружат заедно да уживаме во небото да освојуваме висини. Да покажеме дека и ние жените сме храбри.
8. Што би можело да се поправи на полето на параглајдерството во нашата држава?
Параглајдерството е спорт во кој е потребно континуирано да се вложува како што и ние параглајдеристите вложуваме труд и време за да ја истакнеме нашата држава во овој спорт. Ни треба целосна подршка од државата. Учеството на натпревари е единствениот пат до успехот.
9. Што е следно на Вашиот спортски календар?
Европско првенство во прецизно слетување во Словенија во 2018г. Светско првенство во прецизно слетување во Србија 2019г.
10. Дали се остваруваат соништата преку спортот?
Секако дека се остваруваат со поставена цел кон она што те исполнува.