Емона Кадриу е исклучително млада, паметна девојка која со неверојатна леснотија и елан постигнува врвни резултати на атлетските терени кај нас и во светот. Подготвена е да ги поместува личните граници и да го прави невозможното возможно и со тоа да биде инспирација за некој да почне да го прави она што го сака, сè она што им го прави животот поубав на луѓето. Емона е светла млада ѕвезда на спортските терени, за која допрва ќе чуеме.
1. Како се роди љубовта кон атлетиката?
Атлетиката ме заинтригира отприлика од одржувањето на Олимписките игри во Лондон 2012 година, но клучниот момент беше по мојата прва трка на 3.000 метри во Косово. Тогаш сфатив дека сакам да трчам, да се натпреварувам и да постигнам одредени резултати.
2. Кои се позначајните резултати кои ги имате постигнато досега кај нас и пошироко?
Како тркач на средни патеки (800 м, 1500 м и 3000 м) досега успеав да бидам победник на Ноќната атлетска трка во Скопје на 1200 м, државен првак за средни училишта на 800 м и државен првак кај сениорките на 1500 м. Исто така како дел на Македонската репрезентација учествував на Европскиот крос кантри натпревар во Одерцо, Италија, како и на Балканското првенство за јуниори во Питешти, Романија.
3. Како течат подготовките за еден натпревар?
Целата подготовка е долготраен процес. Имено, првин се гради базата, т.е. кондиција, истрајност. Тоа генерално се прави за време на зимскиот период. Потоа во зависност од тоа на која дисциплина се натпреваруваат, атлетичарите имаат различни тренинзи кои најефикасно ќе им помогнат за постигнување на саканите резултати.
4. Што значи победата, а што поразот за Вас?
За мене победата не е само куп или златен медал. Таа е нешто многу повеќе, поместување на личните граници и способноста да ги правиме нештата кои некогаш ни изгледале невозможни. Токму пред една недела, додека истрчав 10 км должина на Кеј, размислував за тоа како до пред две години не сум можела да истрчам ни два километри без престан, а сега трчањето е дел од моето секојдневие и значаен начин на релаксација. Што се однесува до поразот, сметам дека постои само кога еден човек, без разлика дали е спортист, доктор, сликар, се откажува од своите цели.
5. Која е Вашата инспиративна приказна? Вашата мотивација? Која е Вашата цел во спортот, покрај победата?
Освен што редовно читам за животите, тренинзите и препреките на светските атлетичари, се трудам да наоѓам инспирација во секојдневието. Тоа може да биде времето, убавото чувство по таканаречениот „лонг ран“, трка, филм, некоја песна… Покрај победата, мојата цел е преку спортот да се подобрам себеси и во многу други сфери. Да ги ширам моите знаења, да стекнам нови пријателства и некогаш да бидам јас инспирација и причина за некој да почне да го прави тоа што го сака.
6. Како би ги поттикнале младите девојки што повеќе да спортуваат? Што би им порачале?
Во здраво тело – здрав дух! Освен што спортот ви помага да станете фит, индиректно дејствува и врз концентрацијата за време на учењето и работата, така што ќе бидете попродуктивни и посреќни. Би им порачала не само на младите девојки, туку на сите, да се трудат да се занимаваат со спорт најмалку трипати неделно. Спортот нека биде дел од вашата рутина.
7. Кои се најважните квалитети кои треба да ги поседува една атлетичарка?
Една атлетичарка треба да верува во себе, да ги знае своите јаки и слаби страни, редовно да тренира и да биде способна да ги прифати и победата и поразот.
8. На кој начин спортот Ве промени? Што научивте преку спортот?
Сметам дека преку спортот станав подобар соработник, пријателка, научив да не се откажам и да се трудам до крај да ги остварам своите цели во животот.
9. Дали се остваруваат соништата преку спортот?
Тоа зависи од тоа какви се соништата. Од моја гледна точка – да, но за некој друг остварувањето на соништата може да биде преку литературата, музиката, преку уметноста и сè друго што им го прави животот поубав.
Подготви: Андријана Анаиева