Зорица Блажевска е претседателка на РК Металург и членка на УО на Ракометната федерација на Македонија. Лани таа стана прва и единствена жена на оваа функција во машката ракометна Лига на шампионите и во регионалната СЕХА лига, а годината со многу професионални предизвици беше крунисана со признанието Најуспешна спортска менаџерка во изборот на ТАКТ. За својата позиција во машкиот ракометен свет вели дека е тешка и убава во исто време. Секогаш ги поддржува храбрите жени кои успешно се справуваат со „машките“ работи во спортот, а стереотипите ги побива со успешна работа. Проблемите ги гледа како предизвик, работата ја претвора во задоволство, а клубот во едно големо семејство…
ТАКТ: Како е да се биде жена на чело на машки ракометен клуб?
Тешко и убаво во исто време. Моите играчи секако ми ја олеснуваат оваа традиционално „машка“ задача. Во ниеден момент не сум почувствувала отпор, ниту непочит. Баш напротив, сигурна сум дека ме почитуваат и повеќе од кој било претпоставен. Тие се културни, млади момци, воспитани во духот на 21 век и за нив жена на чело на машки клуб не е табу тема.
ТАКТ: Кога ја презедовте претседателската функција во РК Металург во 2018 година, станавте прва и единствена жена на таа позиција во Македонија, но воедно и прва претседателка на машки ракометен клуб во европската Лига на шампиони и во регионалната СЕХА лига. Од искуството што го поминавте во овие две години, дали е тоа предност или носи дополнителни потешкотии во извршувањето на функцијата?
Сè уште сум осамена таму, на врвот на ракометниот свет и во Македонија и во ЕХФ и во ИХФ. На почетокот беше чудно, машките колеги гледаа малку со резерва, но после повеќе поминати состаноци во овој период, веќе ме прифатија како еднаква на нив. Признаваат дека жените во повеќе случаи може да менаџираат и подобро од мажите. Вклучена сум активно во речиси сите проекти, се консултираме меѓусебно за сè што искрснува во водењето на ракометен клуб и си помагаме. Сепак, апелирам во секоја прилика, жените да бидат повеќе вклучени во спортскиот менаџмент и одлучна сум и во наредниот период да им покажам практично дека сите жени не се родени само за принцези, нè има и од оние принцези – храбри воини.
ТАКТ: Во годината исполнета со многу предизвици на професионален план, го добивте признанието Најдобра спортска менаџерка за 2019 во изборот на ТАКТ. Дали тоа ќе биде дополнителен мотив за нова, уште поуспешна сезона?
На првиот настан во организација на ТАКТ бев само гостин, но искрено се радував и аплаудирав на сите тие успешни жени-лавици. Признанието за најдобра спортска менаџерка во овој момент ми значи премногу, затоа што е награда за 2019 година, која беше напорна, но и успешна и која доаѓа од организација којашто ги поддржува жените во спортот и нивните достигнувања во сите сфери.
Металург годинава ја заврши успешно, со освоен меѓународен турнир и после шест години освоен Куп на Македонија. Сите предизвици на мојот пат сметам дека досега се успешно остварени.
Најголемата благодарност оди за човекот кој одлучи да биде револуционер и да постави жена за претседателка на клуб, г-дин Минчо Јорданов, како и до мојот тим, момците со големо срце, кои ме пратат на овој пат и кои се мојата најголема поддршка и гордост. Најголемиот товар од оваа функција го понесоа моите блиски, моето мирно море и затоа сум им бескрајно благодарна.
Металург заслужува да биде на врвот во секоја конкуренција, затоа наградата ќе ми биде мотив уште похрабро и посветено да продолжам да чекорам по ракометниот пат, како единствена жена претседател на машки клуб во Европската ракометна федерација.
ТАКТ: Во една прилика изјавивте „Стереотипите се тука за да се кршат!“. Дали често се соочувате со стереотипи од типот – тоа е машка работа?
Секојдневно. Но со успешна работа им го докажувам сосем спротивното.
ТАКТ: Како претставничка на клубот имате можност да присуствувате на работни состаноци во Европската ракометна федерација и речиси на сите големи ракометни натпреварувања. Какво е искуството и генерално, постои ли заложбата во ЕХФ за поголема застапеност на жените на раководни функции во ракометот на кои сè уште доминантни се мажите?
Искрено, на ниеден состанок не се отворила дискусија на таа тема, но водечките луѓе во ЕХФ и ИХФ се заложуваат постојано за родова еднаквост. Им даваат прилики на жените да се остварат како ракометни судии, делегати, супервизори. Колкав е интересот кај жените, дали се и тие помалку исплашени и нерешителни, не би знаела, но во моментов се премалку застапени. Би ги издвоила Весна Лазиќ, секретарка на претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, потоа Тања Милошевиќ од Хрватска и Снежана Вукановиќ од Србија. Храбри жени кои сигурно газат во овие сè уште прилично „машки“ ракометни води.
ТАКТ: Раководната функција во Металург ја презедовте во период кога клубот се соочуваше со сериозни финансиски проблеми и бројни промени во играчкиот и во тренерскиот кадар. Како се справувате со тој дополнителен проблем или предизвик?
Сами одбираме дали ќе ја доживееме моменталната ситуација како проблем или како предизвик. Јас гледав како на предизвик и сама одлучив да го прифатам. Знаев дека нема да биде нималку лесно, што во оваа година и пол и ми се покажа, но решив дека нема да се откажам додека не се реши и последниот долг и проблем во клубот, колку и да биде тешко. Гордо можам да констатирам дека во овој момент 80% од старите долгови што се влечат во Металург од 2014 година се исплатени, а до крај на оваа сезона ќе бидат 100% затворени. Тоа бараше секојдневни средби со луѓе соработници, кои во даден момент ја изгубиле довербата во клубот. Јас сум тука за да ја вратам таа доверба. Дури тогаш, кога и последниот, најситниот долг ќе биде исплатен, може да се размислува за големи резултати и достигнувања. Тогаш кога нема што да те влече надолу.
ТАКТ: Минатата година РК Металург ја загуби вицешампионската титула во домашното првенство, но по шест години успеа да ја врати титулата во Купот на Македонија и да ја прекине доминацијата на РК Вардар. Колку оваа титула беше значајна за иднината на РК Металург и за Вас лично како претседателка на клубот?
За мене лично беше награда за сè што пребродив минатата сезона. Отидовме во една мачна атмосфера, помалку разочарани од моменталната ситуација, но сигурни во себе дека со фер и чесна борба може да се победи сè. Таа сила и спортска дрскост на моите играчи ми даде сила уште повеќе и похрабро да се борам за нив, за себе, за Клубот. И денес тврдам дека доколку се вреднуваше посветеноста, напорната работа, напорните тренинзи, спортската интелигенција и знаењето на нашата екипа наспроти парите и моќта, РК Металург ќе беше шампион за минатата сезона.
ТАКТ: Презентирајќи ги долгорочните планови, во едно интервју посочивте дека сезоната 2020/2021 се очекува да биде најсилна за Металург. Кои се зацртаните цели за оваа сезона?
Се сметам себеси за личност која многу размислува пред да донесе каква било одлука, при подготовка на план и стратегија. Така и сега, си поставив долгорочни цели наместо инстант-решенија и се надевам дека наредните две сезони ќе вродат со плод. РК Металург, благодарение на сопственикот Минчо Јорданов и на моите претходници, во тој дел е клуб поставен на цврст темел и затоа ги издржа сите турбуленции во минатото. Куќа без темел и традиција се руши брзо, онолку брзо колку што ќе се изгради, затоа продолжуваме полека, но со сигурни чекори до врвот. Имаме стабилен тим и стабилен стручен штаб на чело со извонреден тренер каков што е Зоран Кастратовиќ. Не се преоптоваруваме премногу со резултати од оваа сезона, не одиме на сè или ништо, ќе го прикажеме најдоброто од нас преку фер и чесна борба до едно од првите места кои водат во Европа. Очекуваме нашиот најголем успех во наредната сезона да го оствариме во новоформираната Лига на Европа и со тоа да го најавиме враќањето на РК Металург во друштво на најдобрите.
ТАКТ: Во Автокоманда со години наназад, покрај машкиот, успешна традиција има и женскиот клуб. ЖРК Металург е актуелен шампион во женската Супер супер лига. Каква е состојбата во женскиот ракомет во Македонија и кои се целите и амбициите на ЖРК Металург?
Јас сум горда на успехот на девојките и презадоволна од работата на женскиот тим воопшто. Работат напорно и посветено, успехот беше неизбежен. Но кога ќе погледнам во настапите на женските тимови на европска сцена, веќе сум загрижена. Час поскоро, РФМ со поддршка на клубовите треба да се посвети на враќањето на квалитетниот ракомет во женска конкуренција. Неоспорен е квалитетот на раководните луѓе во женската репрезентација, на ред сме ние, раководните луѓе од клубовите, да вложиме уште повеќе средства и сили и да го вратиме женскиот ракомет на врвот.
ТАКТ: Металург е едно поголемо ракометно семејство – има две екипи во машката Суперлига (РК Металург и РК Металург 2), ЖРК Металург ја брани титулата во женската Суперлига, имате младински, кадетски екипи, ракометна академија, минилига, летен камп… Да се координира работата во сите тие сфери за Вас како претседателка на клубот, сигурно значи многу часови поминати во сала. Останува ли слободно време покрај сите тие професионални обврски?
Секако. Но кога работиш како јас, со голема љубов која воедно е и возвратена, времето не се дели на работно и слободно. Јас успеав работата во Металург да ја испреплетам со моите најблиски и неретко моите деца се заедно со мојот тим на патувања, натпревари, а моето семејство и пријателите често се во сала на тренинзи и редовно на натпревари. Моите играчи се дел од моите прослави, јас дел од нивните родендени и слави, а често сме заедно и без посебна причина. Секојдневното дружење со новинарите од ракометниот свет е посебно доживување и се надевам дека ќе имаме уште многу убави моменти, па и причини за прослави. Успеав да создадам едно заедништво, едно големо семејство и тоа си го сметам за најголем успех.
ТАКТ: Кое е Вашето мото во животот и во спортот?
Во животот секогаш се водам од девизата: „Нема неосвоива тврдина, има само слаб напад!“
Во спортот: „Едно дете плус во сала, едно дете помалку на улица. Тие деца понатаму стануваат чесни луѓе, добри родители и партнери.“